
Нежност и љубов: Новороденечка фотосесија со Јована
Секогаш е посебно кога фотографирам новороденче, но оваа фотосесија беше уште поемотивна бидејќи зад себе имаше една убава приказна. Малата Јована беше само 10 дена стара кога ги зачувавме овие спомени – нежни, топли и полни со љубов.
Ивана е неверојатна личност – толку природна, отворена и искрена. Нашето запознавање не беше случајно – таа ми пријде на настанот организиран за Светската недела на доењето од Бебелогија и Доење со Љубов и со насмевка ми рече: “Ти ќе ме сликаш кога ќе се породам!” И така и беше.
✨ Моќта на доењето во фотографијата
Ивана е вистински поборник за доењето и за нормализирањето на доењето во јавност. Затоа не беше чудно што сакаше и инсистираше да ги зачуваме и овие моменти – моменти на интимност, поврзаност и бескрајна љубов меѓу мајка и бебе.
Како фотограф, за мене е важно да ги овековечам овие мигови, затоа што доењето не е само хранење – тоа е комуникација, утеха, блискост. Сакам секоја мајка да се гледа себеси во овие слики и да се потсети колку е моќна, нежна и полна со љубов.
✨ Посебна врска помеѓу две сестрички
Но, оваа фотосесија имаше уште еден нежен момент – Јована има и поголема сестричка, која беше неизоставен дел од приказната. Сакав да ја доловам таа природна поврзаност, па успеав да фатам моменти каде што таа со љубопитност и грижа ѝ помагаше на мама при пресоблекувањето на бебето, моменти на галење меѓу двете сестрички и моменти кога си играше во позадина додека мама ја доеше Јована. Тоа беше вистинското секојдневие – без режија, без позирање, само чиста, искрена љубов која сакам да ја доловам во овие фотосесии.
Домашната атмосфера беше совршена – мека светлина, топли прегратки и малата Јована која спокојно спиеше во мајчините раце. Фотографиравме моменти на гушкање, насмевки, тие мали движења што само новороденчињата ги прават. Сè беше толку автентично и емотивно.
Благодарна сум што Ивана ми дозволи да бидам дел од овие први денови. Ова не беше само фотосесија, туку вистинска животна приказна – онаа која секоја мајка ја живее во првите денови со своето бебе. ❤️
Доколку и вие сакате да зачувате вакви спомени од вашите први денови со бебето, пишете ми – би било чест да ја раскажам и вашата приказна низ фотографии. 📷✨
No products in the cart.