
Сè уште го чувствувам треперењето на моментот кога влегов во болничката соба за мојата прва Fresh 48 фотосесија. Таму ме пречека едно ново мало срценце – Симеон, само неколку часа по неговото доаѓање на свет.
Овој вид на фотографирање е навистина уникатен. Тоа не се само фотографии – тоа е времеплов до првите часови од животот на бебето. Спомени што премногу брзо избледуваат во хаосот на новата реалност, но преку фотографиите остануваат засекогаш живи.
Покрај гордата мајка, таткото и најмалечкиот Симеон, таму беше и неговата љубопитна и возбудена сестричка, која со трепет и љубов го гледаше своето ново братче. Нејзините погледи и допири беа тивки, но полни со емоции – толку автентични, толку вредни за паметење.
Сакав да ги уловам сите тие детали што премногу брзо се менуваат – малечките рачиња, ушенцата, устенцето што сè уште се навикнува на светот. Сакав да го запрам времето, макар само за момент.
Освен интимните моменти со семејството, фотографирав и делови од болничката реалност – пумпата за измолзување, креветчето, шишињата… тие „обични“ предмети што за една мајка значат сè во тие први денови. Тоа е дел од приказната – искрена, сурова, и бескрајно убава.
Fresh 48 фотографијата не е за совршенство. Таа е за вистината. За љубовта што се раѓа заедно со бебето. За мајките што ќе се навратат на овие фотографии и ќе се сетат на секој мирис, звук и чувство од тие први, непресметливо драгоцени 48 часа.
No products in the cart.