
Оваа фотосесија е посебна за мене, бидејќи беше мојата прва официјална фотосесија каде не сликам за себе, туку за други. Нервозата и возбудата беа големи, но одлучив да оставам моментите да течат природно со минимално укажување за позирање. Се надевав дека ќе успеам да ја уловам таа интимна и искрена врска меѓу мајка и новороденче.
Фотосесијата ја направивме во спалната соба на семејството, каде што имаше прекрасна природна светлина од прозорецот. Светлината совршено паѓаше на креветчето на Дориан, создавајќи топол и мек амбиент. Тоа ни овозможи да направиме нежни и емотивни фотографии кои ја прикажуваат таа прва блискост и љубов меѓу мајката и нејзиното новороденче.
Мама Ангела е една од мамичките од инстаграм заедницата со која се договоривме да правиме фотосесија кога беше трудна.
Се сеќавам како еден ден пред договорената фотосесија ми прати слика од болницата, каде се подготвуваше за пораѓање.
По раѓањето на Дориан, брзо се договоривме за фотосесија за новороденче. Ангела и Дориан беа природни пред камерата, а нивната блискост и нежност беа видливи во секоја фотографија. Ангела го држеше Дориан со толку љубов и внимание, а малиот Дориан со своите мали рачиња и израз на лицето донесе толку многу радост и топлина во сликите.
Беше прекрасно да се биде дел од овој интимен момент и да се улови таа прва врска меѓу мајката и нејзиното новороденче. Ова искуство ме научи многу за тоа како да работам со клиенти и да создавам фотографии кои ќе останат спомени за цел живот.
No products in the cart.