
Како мајка, а сега и како фотограф, верувам дека доењето е нешто свето, природно и длабоко поврзано со мајчинството. Јас самата ја доев мојата ќерка и тоа искуство ми остави неизбришливи спомени – моменти на длабока поврзаност, мир и топлина кои не се опишуваат лесно со зборови.
Токму затоа сум голем поборник за доење во јавност – без срам, без страв и без осудување. Мајките заслужуваат поддршка, а не погледи. Заслужуваат простор, а не притисок. Заслужуваат да бидат охрабрени, а не замолчени.
Кога го отворив мојот Instagram профил и започнав официјално со мојата фотографска приказна, сосема спонтано и убаво се совпадна со Светската недела на доењето. Тоа беше моја прва шанса да направам нешто што длабоко го чувствувам – да ја поддржам доилките на начин кој ми е својствен: преку фотографија.
Организирав еден фото натпревар на Instagram, со повик до сите мајки да споделат слика – стори или пост – на која ќе ја прикажат нивната специјална врска со бебето или детето. Тоа можеше да биде момент на доење, заедничка активност, гушкање или секојдневна блискост која носи радост.
Изборот беше тежок – толку многу убави приказни, искрени моменти и вистински емоции. Но, победничката приказна ме допре – па таа доби подарок: бесплатна фотосесија.
📸 Сликите од оваа сесија може да ги погледнете тука →
Како дополнување на моите активности за оваа недела, имав чест да бидам фотограф на еден прекрасен настан организиран од Бебелогија и Доење со Љубов, кој се одржа во Драмски Бар. Настанот беше отворен за сите мајки, каде можеа да споделат своја приказна, прашање или предизвик поврзан со доењето – во топла и поддржувачка атмосфера.
Сето ова ми покажа колку е важно да се зборува, споделува и поддржува. И токму затоа ќе продолжам да фотографирам вакви моменти – реални, топли, полни со љубов.
За да останат.
За да се паметат.
За да ги охрабрат и другите. 💛
No products in the cart.