
Кога станува збор за прослави како родендени или крштевки, родителите често вложуваат многу внимание и љубов во изборот на декорација. Најчесто централно место заземаат позадините зад тортата, кои служат како вистинска сцена за спомени – таму се сликаат децата, семејството, пријателите.
Како фотограф, секојдневно имам можност да видам навистина величествени декорации – бајковити теми, креативни детали и беспрекорна изведба. Секоја чест за оние кои ги создаваат! Но, исто толку често се случува овие прекрасни позадини да бидат поставени на локации кои воопшто не се погодни за фотографирање – темни ќошиња, простории со мешани светла или места каде што едноставно не може да се добие чиста и убава фотографија.
Токму затоа го пишувам овој мал водич – за да им помогнам на студијата за декорација, како и на родителите кои организираат прослава, да знаат како да изберат вистинско место за поставување на позадините.
1. Светлината е најважна
✅ Најубавите фотографии секогаш се добиваат кога позадината е поставена блиску до природен извор на светлина – голем прозорец или врата. Меката дневна светлина го прави секој декор да изгледа живописно, а боите природни.
❌ Избегнувајте темни ќошиња или простории без прозорци.
2. Поставување според расположливата светлина
• На отворен простор:
✅ Најдобро е позадината да биде во сенка или на место каде сончевата светлина доаѓа од страна.
❌ Најлошо сценарио е кога позадината е делумно на сонце, делумно во сенка – тогаш се добива „мешана сенка“, а фотографиите изгледаат нерамномерно.
❌ Ако сонцето е директно позади позадината, таа ќе изгледа преосветлена, а луѓето и декорацијата ќе останат во сенка.
• Во затворен простор:
✅ Идеално е позадината да се постави до поголем прозорец или извор на природна светлина од страна, а не зад неа.
✅ На овој начин лицата и декорот се осветлени рамномерно и изгледаат природно на фотографиите.
3. Простор околу декорацијата
Важно е да се размислува не само за самата позадина, туку и за околниот простор:
• Да има барем пола метар до метар празен простор од страните – без столчиња, маси или луѓе кои би создавале дистракции.
• Да има доволно место пред позадината за удобно да застанат деца, родители и гости.
• Да има минимум 2–3 метри простор пред декорацијата, за фотографот да може да се оддалечи и да направи и целосни фотографии, но и поблиски кадри.
❌ Избегнувајте да ја ставите позадината веднаш зад маса со гости – тогаш нема простор за фотографирање.
4. Позадината да не биде премногу блиску до ѕидот
Кога позадината е „залепена“ за ѕид, фотографиите изгледаат рамни, а сенките се нагласени.
✅ Оставете барем половина метар до метар простор зад неа за да се добие длабочина и попрофесионален изглед.
5. Внимавајте на мешаните светла
Во салите за прослави често има неонско, жолтеникаво или шарено осветлување. Иако во живо изгледа забавно, на фотографиите може да создаде сенки и чудни бои на кожата и декорот.
✅ Ако прославата е навечер и нема природна светлина, најдобро е да се користи вештачко бело светло (LED или студено бело) кое ќе биде насочено од фронт – односно од страната на публиката кон декорацијата.
На тој начин лицата и декорацијата ќе бидат рамномерно осветлени, без сенки и без жолтеникав тон кој често го создава обичното светло во салите.
❌ Избегнувајте светло кое доаѓа само одозгора или од позади, затоа што тогаш луѓето излегуваат во сенка, а позадината е преосветлена.
6. Фотографирање со блиц во затворен простор
Кога прославата се одвива во затворено и е потребно да се користи блиц, многу е важно таванот во просторијата да биде бел или светол. На тој начин светлината од блицот ќе се рефлектира и ќе се распрсне рамномерно, создавајќи природен изглед на фотографиите.
❌ Ако таванот е во темна боја или со декоративни елементи кои ја апсорбираат светлината, тогаш фотографот ќе мора да користи директен блиц, што резултира со поостри сенки и непријатно светкање во очите на гостите.
7. Најубавите фотографии се на зајдисонце
Ако можеш да го планираш поставувањето на позадината и фотографирањето во времето на зајдисонце, светлината ќе биде мека, топла и рамномерна. Тоа е идеално за да се истакнат боите на декорацијата, кожата на гостите и деталите на тортата.
✅ Златниот час го прави секој кадар да изгледа магично, без премногу сенки или преосветлени делови.
Јас како фотограф секогаш ги едитирам сликите за да изгледаат колку што е можно подобро. Сметам дека секој кој сака да се нарече професионален фотограф треба да го прави истото – обработката е дел од професионалниот процес. Со тоа, дури и фотографии кои имаат предизвици во светлината или поставувањето на декорацијата можат да изгледаат многу подобро отколку што изгледале во моментот на сликање на фотографијата.
Сите примери што се прикажани во овој водич се едитирани, но сепак се забележуваат:
• недостаток или вишок на светлина,
• нерамномерни сенки,
• дистракции од страните или позадината,
• лошо позиционирана декорација.
Ова ја потврдува важноста на правилното поставување на декорацијата и светлината уште пред фотографирањето – затоа што дури и најдобрата обработка не може целосно да ги поправи овие проблеми.
Декорацијата е магијата која ја создава атмосферата на секоја прослава. Но, правилното поставување на позадината е клучно за таа магија да се долови и на фотографиите – кои остануваат трајни спомени.
Ако се внимава на светлината, просторот и аголот, тогаш секоја позадина – без разлика дали е за роденден, крштевка, венчавка или друг настан – ќе изгледа беспрекорно и на фотографиите.
No products in the cart.