
Сè уште сум под импресии од првата моја самостојна изложба, и срцето ми е полно.
„Во меѓувреме, дојам“ не беше само фотографска изложба – беше искуство, разговор, препознавање, солзи, гушкања и тишина полна со разбирање.
Во текот на три дена, низ Центар Јадро поминаа толку многу прекрасни луѓе – мајки, татковци, баби, пријатели, здравствени работници, поддржувачи… Секој со своја приказна, свој поглед, своја емоција. Некои се расплакаа, некои молчеа, а многумина првпат видоа колку е силна и нежна истовремено мајката што дои.
Пред само неколку месеци, сè беше само идеја – едно „што ако?“ што го носев во себе.
Ивана од @doilkamk ми напиша порака со идеја за одбележување на Светската недела на доењето, и речиси инстинктивно ѝ понудив:
„Сакате изложба со фотографии на мајки што дојат? Сметајте на мене.“
И така почна еден месец исполнет со снимање, слушање приказни и создавање визуелна приказна од 13 мајки и нивните бебиња.
Сакав да се види вистината зад доењето – не само романтичната, туку и тешката, заморната, болната. И, над сè, сакав да се прикаже храброста на мајките кои секој ден го прават она што им изгледа „нормално“, но всушност е јуначки.
За оние кои не успеавте да дојдете лично…
Знам дека не сите имаа можност да ја посетат изложбата во живо, но не сакав да останете без дел од ова искуство.
Затоа, ви ги споделувам фотографиите кои беа дел од изложбата „Во меѓувреме, дојам“ – токму онака како што беа поставени во просторот.
Секоја фотографија носи своја приказна, своја тишина и своја емоција.
Некои моменти се полни со спокој, други со борба и истрајност, трети со нежност што се чувствува длабоко.
Се надевам дека и преку екранот ќе успеете барем малку да ја почувствувате силата и топлината што ја донесе оваа изложба.
⬇️ Продолжете да скролате и нурнете се во интимниот свет на мајките што дојат – храбри, вистински и безвременски.
Овој настан не би можел да се реализира на ова ниво без поддршката од сите оние кои веруваа во идејата и се вложија со срце.
🔸 На Јасна (@bebelogija), Наташа (@doenje_so_ljubov) и Ивана (@doilkamk) – ви благодарам за иницијативата, визијата и целосната поддршка од самиот почеток. Ви благодарам што верувавте дека оваа идеја заслужува свое место и простор.
🔸 На Општина Центар и Центар Јадро, кои несебично ни го отстапија просторот за одржување на изложбата и целиот настан – ви благодарам што овозможивте интимниот свет на мајките да стане достапен за јавноста во вистински амбиент.
🔸 На Ананас – како генерален спонзор на настанот и на сите останати спонзори, кои дадоа свој придонес оваа изложба и програмата околу неа да добијат поширока форма и да допрат до повеќе луѓе:
Реплек · DM · Роса вода · Енци Менци · Бебе Хоме · Мама Драма · Мама не е сама · ewopharma · Coslovemetics · Haakaa Македонија · Штрк · vibboo · Mostly Baby · Philips Avent Македонија · Vivalek · 4U Pharma · Biosave
✨ Се надевам дека оваа убава соработка ќе продолжи и во иднина, затоа што ваквите проекти се можни само со заедничка поддршка.
🔸 На сите мајки кои беа дел од овој фото-проект – ви благодарам за довербата, отвореноста и храброста да застанете пред објективот и да споделите дел од вашето мајчинство. Без вас, оваа приказна немаше да постои.
🔸 И конечно, на сите што дојдоа, што одвоија време, споделија збор, емоција, прегратка – ви благодарам што дозволивте оваа изложба да допре до вашите срца.
Ова беше само првиот чекор. Постојат уште многу табу теми поврзани со мајчинството кои чекаат да бидат прикажани – реално, искрено, без филтри.
И јас ќе бидам тука, зад објективот, подготвена да слушам и пренесам.
Со љубов,
Драгана | Love Click Photography
Сите фотографии се авторско дело на Драгана Тасевска – Love Click Photography и се објавени со согласност од мајките прикажани на нив.
Забрането е преземање, дистрибуција или објава на сликите без претходна писмена дозвола од авторот.
Во случај на одобрено користење или споделување, задолжително е јасно да се наведе името на авторот: Драгана Тасевска – Love Click Photography.
За дозвола за користење на која било фотографија, контактирајте ме преку контакт формата на веб-страницата.
No products in the cart.