
Со огромна радост и возбуда го означивме почетокот на Светската недела на доењето 2025 – настан посветен на едукација, поддршка и славење на доењето како природен, но и општествено значаен чин.
Во рамки на првиот ден, официјално беше отворена и фотографската изложба „Во меѓувреме дојам“ – визуелна приказна за мајките и нивната храброст, нежност, истрајност.
Кога почнав да фотографирам професионално, имав две големи желби и цели: да имам изложба и да фотографирам пораѓај. Денес, едната желба стана стварност.
Искрено, мислев дека ќе биде тешко да најдеме мајки кои ќе сакаат да бидат фотографирани додека дојат – толку личен и интимен момент. Но, се изненадив. Имавме над 30 пријавени мајки, спремни да ја споделат својата приказна. И тоа ми даде до знаење дека оваа тема е навистина потребна и интересна.
Сакав да ги прикажам мајките не само како убави фигури пред објективот, туку како реални жени во реални моменти – со љубов, исцрпеност, сила, тишина и врева. Сакав фотографиите да имаат приказна – не само естетика.
Настанот го започнавме со топло обраќање од организаторите, кои зборуваа за важноста на доењето, за поддршката што е потребна, и за заедништвото кое низ години наназад го градиме сите заедно.
Потоа следеше претставувањето на мојата изложба, „Во меѓувреме дојам“, по што бев поканета да се претставам пред присутните и да одговорам на неколку прашања за самата изложба, за мојата мотивација и за целта што стои зад овие фотографии.
🎥 (Видеото од ова кратко интервју ќе го споделам подолу.)
Прв излагач беше Зорица Ковач, маг. мед. тех., IBCLC – жена со огромно искуство и посветеност во поддршката на доењето и зборуваше на тема „Терапевтска масажа на дојките“ – сесија исполнета со практични совети, стручни насоки и информации кои се од огромна важност за сите мајки, особено во првите денови и недели од воспоставување на лактацијата.
Слушајќи ја, сите присутни можеа да научат како правилната масажа не само што олеснува болка и застој, туку може и да помогне во одржување на продукцијата на млеко и превенција на компликации.
тората сесија беше одржана од
Јасна Апостолски-Николов, дипл. мед. сест., IBCLC, која говореше на исклучително важна тема:
„Последици од неадекватна масажа на дојка во развој на лактација“.
Во ова излагање, таа не само што ги објасни можните ризици и компликации од погрешен пристап при масажа, туку и сподели практичен пример од својата работа – случај на мајка која се соочила со сериозни проблеми поради нестручно изведена масажа.
Преку нејзината експертиза, присутните добија јасна слика за тоа колку е важно информирањето, внимателниот пристап и консултацијата со обучени професионалци кога станува збор за доењето и нега на дојките.
Секоја од овие сесии отвори простор за прашања, споделувања и вистински разговор.
Затоа што доењето често се случува „во меѓувреме“ – додека животот тече. Во автобус, на клупа, додека братчето вика, додека телото се мачи, додека мислите лутаат. Сакав да ја фатам токму таа нијанса – она што е во позадина, а всушност е суштинско.
Секоја фотографија е тивок сведок на еден голем чин – љубов, грижа, преживување, присутност.
Горда сум, благодарна сум и бескрајно почестена што оваа изложба доби свое место во рамки на настан со толку значење.
Ова е само почеток.
📍 Локација: Центар Јадро
🗓️ Датум: 05–07 август
🕊️ Влезот е слободен
📅 Настанот продолжува и следните денови – следете ја програмата, дојдете, прашајте, бидете дел.
Доколку не сте во можност, фотографиите од изложбата можете да ги погледнете тука
📷 Во продолжение споделувам дел од фотографиите од првиот ден на настанот
Благодарам на сите што бевте таму.
Се гледаме и следните денови – просторот останува отворен за вас. 💛
Со љубов и желба за убави спомени,
Драгана Тасевска
авторка на изложбата „Во меѓувреме дојам“
Сите фотографии се авторско дело на Драгана Тасевска – Love Click Photography и се објавени со согласност од мајките прикажани на нив.
Забрането е преземање, дистрибуција или објава на сликите без претходна писмена дозвола од авторот.
Во случај на одобрено користење или споделување, задолжително е јасно да се наведе името на авторот: Драгана Тасевска – Love Click Photography.
За дозвола за користење на која било фотографија, контактирајте ме преку контакт формата на веб-страницата.
No products in the cart.