Доењето е многу повеќе од хранење. Тоа се прегратки, погледи, сигурност, љубов и тивка врска што се создава секој ден помеѓу мајката и детето. Токму затоа ми е толку важно мајките да имаат спомен од овие моменти – спомен на едно кратко, но непроценливо животно поглавје кое пребрзо поминува.
Постојат моменти
што не траат долго, но остануваат засекогаш.
Минатата година, по повод Светската недела на доењето, ја реализирав мојата прва самостојна фотографска изложба „Во меѓувреме, дојам“. Преку фотографиите на мајки кои дојат, изложбата ја отвори темата за мајчинството, блискоста и секојдневните, често невидливи моменти што се случуваат „во меѓувреме“ – додека животот тече, додека бебето расте, а мајката тивко ја гради најсилната врска со своето дете.
Таа изложба не беше крај на една приказна, туку нејзиниот почеток.
Оваа година сакав наместо изложба да создадам ново искуство – да им овозможам на уште повеќе мајки да добијат професионални фотографии од периодот на доење.
Така се роди идејата за бесплатна доенечка фотосесија по повод Светската недела на доењето.
Целта не беше само да направиме убави фотографии, туку да создадеме простор каде што мајките ќе се чувствуваат прифатено, безбедно и опуштено. Простор во кој доењето е природен дел од мајчинството и заслужува да биде прикажано токму такво – нежно, искрено и исполнето со љубов.
На оваа фотосесија не се фотографираше само доењето. Секоја мајка со себе донесе една приказна – приказна за љубов, истрајност, предизвици, гордост и безусловна поврзаност со своето дете.
Кога се пријавуваа, ги замолив да споделат што значи доењето за нив или зошто ја поддржуваат идејата за доење на јавно место. Нивните одговори беа искрени, емотивни и потсетник дека зад секоја фотографија стои едно уникатно мајчинско патување.
„Доењето е многу повеќе од хранење. За мене ја продолжува поврзаноста која постои уште додека бебето е во матката. Истовремено, не е ниту лесно ниту едноставно и посакувам да има повеќе поддршка од општеството.“
— Евгенија Трајкоска
„Доењето е една силна врска помеѓу мајката и бебето. Не само што го храни бебето, туку и мајката ја смирува, исцелува и ѝ подарува чувство што не може да се опише со зборови.“
— Џеннет Демирова
„Доењето во јавност не е храброст, туку љубов што не чека. Мал миг за светот, а цел свет за едно мало бебе.“
— Ивана Здјелар
„Дојам затоа што тоа е најприродниот начин да му ја дадам на моето бебе љубовта, сигурноста и храната што му се потребни. Бебето не избира време и место кога е гладно. Затоа секоја мајка треба да се чувствува слободно и без осуда да го дои своето дете, каде и да се наоѓа.“
— Николина Костовски
„Мајчиното млеко е едно од најголемите чуда на природата, но доењето, колку и да е природно, бара вештина, едукација и поддршка – од родилиштата, работодавачите и целото општество.“
— Леа Огњаноска
Доењето не трае засекогаш.
Еден ден ќе заврши последното доење, а најчесто ниту мајката ниту детето нема да знаат дека токму тоа било последниот пат.
Затоа фотографиите имаат толку голема вредност. Тие не се само убави портрети, туку сведоштво за љубовта, поврзаноста и безусловната грижа што мајката му ја подарува на своето дете.
По неколку години, токму овие фотографии ќе бидат најубавиот потсетник на едно незаборавно животно поглавје.
Од срце им благодарам на сите мајки што ми ја доверија својата приказна и што дозволија преку нивните фотографии да ја покажеме убавината на доењето.
Се надевам дека ова ќе стане традиција и дека секоја Светска недела на доењето ќе носи нови лица, нови приказни и нови спомени.
Бидејќи секоја мајка заслужува да го зачува ова посебно време – не само во срцето, туку и на фотографија.
Со љубов и желба за убави спомени,
Драгана
Love Click Photography
No products in the cart.