Фотограф за крштевка во православна македонска традиција – Водич за родители

Како фотографи кои во изминатата година имале чест да присуствуваат и документираат повеќе од 50 православни македонски крштевки, често не прашуваат родителите: „Што точно се случува на церемонијата?“
Затоа, решивме да подготвиме еден практичен водич – за да знаете што ве очекува, да можете подобро да го подготвите вашето дете и да го доживеете овој ден без стрес, со фокус на радоста и духовноста.

Крштевката не е само церемонија – тоа е семејна приказна, полна со љубов, благослов и незаборавни моменти што остануваат за цел живот

Како изгледа православната македонска крштевка?

 

Церемонијата најчесто трае 30 до 45 минути и се одвива во црквата или во посебна крштилница, пред олтарот. Кумот е тој што го држи детето за време на најголемиот дел од обредот, затоа што децата се крстат според верата на кумот, кој во Светата Тајна Крштение станува духовен родител на крстениот, а родителите се во близина. Наша задача како фотографи е да го фатиме секој момент – од првиот благослов, преку сите симболични гестови, па сѐ до насмевките и прегратките по обредот – за овој ден да остане забележан во најубавата форма.

Клучни моменти на крштевка за родителите и фотографите

  1. Почетна молитва – молитвата на Огласените
    Свештеникот ја чита молитвата со која детето станува „огласено“ (катихумен). Пред тоа, дувнува во неговото лице – симболично потсетувајќи дека како што Бог му дувнал на човекот дух на животот, така и новокрстениот прима благодат и сила од Светиот Дух.
  2. Молитви на одрекување
    Свештеникот чита три молитви за „одрекување од сатаната“. Кумот и детето (во неговите раце) се свртуваат кон запад. На прашањето „Дали се одрекуваш од сатаната и од сите негови дела?“ – кумот одговара: „Се одрекувам!“
  3. Дување и плукање
    Кумот трипати дувнува кон детето и плука на подот – симбол на целосно одрекување и непријателство кон злото.
  4. Соединување со Христос
    Свештеникот ги свртува кон исток и прашува: „Дали се соединуваш со Христос?“ – кумот одговара: „Се соединувам!“
  5. Символот на верата
    Кумот го чита „Символот на верата“ – краток, но суштински израз на православната вера. Во некои цркви овој текст е веќе испишан на ѕидот во крштилницата, а во други случаи свештеникот му го дава на кумот на хартија за да го прочита.
  6. Осветување на водата
    Свештеникот ја благословува водата во купелот. Во меѓувреме, мајката го соблекува детето, оставајќи го подготвено за крштевањето.
  7. Помазување со Елеј
    Детето се помазува со осветено масло – за благослов, заштита и здравје.
  8. Крштевање во вода
    Најсвечениот момент – свештеникот трипати го потопува или полева детето со света вода, изговарајќи:
    „Се крштева слугата Божји (името на детето) во името на Отецот, амин, и Синот, амин, и Светиот Дух, амин.“
  9. Миропомазание
    Свештеникот го помазува чело, очи, уши, уста, гради, раце и нозе – со молитва тие да бидат насочени кон добрина, вера и Божји пат.
  10. Постригнување косичка
    Мал дел од косата на детето се потстрижува – како симболично отстранување на грешните мисли и предавање во Божја служба.
  11. Белата облека
    Детето се облекува во бела облека – симбол на чистота и нов почеток.
  12. Три кружења околу купелот
    Со песната „Сите кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте. Алилуја!“ – свештеникот, кумот и родителите трипати одат околу купелот.

Кога е најдобро да се организира крштевката?

По наше искуство, најдобро е крштевката да се направи додека бебето е што помало. Како што растат (особено по 6-тиот месец), децата стануваат посвесни и почесто се јавува срамежливост или страв од непознати лица и нова средина. Помалите бебиња обично се поспокојни и полесно ја поминуваат целата церемонија без многу солзи. Секако, и постари деца можат прекрасно да поминат – важно е да бидат добро подготвени и опуштени.

Совети за родители за мирна и радосна крштевка

Времето е клучно – изберете час кога детето е обично будно и расположено. Добра идеја е да има кратка дремка непосредно пред излегување од дома, за да пристигне одморено.

Наспано и најадено – гладно или уморно дете е рецепт за солзи. Нахранете го пред да влезете во црквата – за бебињата тоа може да значи цицање, а за поголемите мала ужинка.

Запознајте го со кумот – убаво е детето да го помине барем малку време со кумот пред големиот ден. Така ќе биде поопуштено и ќе се чувствува безбедно во неговите раце за време на обредот.

Удобна свечена облека – свечената облека изгледа прекрасно на фотографии, но внимавајте да биде пријатна за носење. Прекумерно тесна или неудобна облека може да предизвика непотребна вознемиреност.

Рачно пешкирче, тетра пелена или постилка – за да ја постелите на местото каде што ќе го пресоблекувате бебето, од хигиенски причини.

Резерва облека – секогаш е добро да имате при рака, за секој случај. Церемонијата е свечена, но и полна со изненадувања.

Влажни марамчиња, цуцла, омилена играчка – за да го смирите и да се чувствува удобно за време на церемонијата.

Од перспектива на фотограф

Нашата задача е да ја доловиме магијата и симболиката на денот – од моментот кога семејството пристигнува пред црквата, преку самиот обред, па сѐ до прегратките и насмевките по церемонијата. Затоа, колку повеќе е детето опуштено, толку повеќе искрени и нежни моменти можеме да фатиме.

По крштевката, доколку родителите сакаат, се прават групни фотографии со присутните, а потоа во дворот на црквата обично се прави кратка фотосесија со бебето. За самата церемонија, доволно е еден час, но ако имате и прослава по обредот и сакате фотографии од неа, ќе биде потребно дополнително време за да се овековечат сите убави моменти од дружењето со гостите.

Можете да очекувате 70-100 фотографии од час, кои ги вклучуваат најважните моменти од чинот на крштевањето во црквата, портрети на детето, семејни фотографии со кумовите и најблиските, како и детали што го прават овој ден посебен. Доколку имате прослава, ќе се овековечат и убавите моменти од дружењето со гостите.

Сите фотографии се професионално обработени и доставени во приватна онлајн галерија, од каде што можете да ги преземете и споделите со вашите роднини и пријатели. Времето на достава на фотографиите е максимум 3-5 дена во зависност од моменталните ангажмани.

Се надеваме дека ќе имаме чест да бидеме дел од овој важен и незаборавен настан во вашиот живот и да ја доловиме магијата на крштевката во фотографии што ќе останат за цел живот.

 

Контактирајте нè доколку ви е потребен професионален фотограф за крштевка и овековечете ги вашите најубави моменти

Слободно контактирајте нè за сите прашања или за закажување на термин. За да обезбедите достапност, препорачуваме да го резервирате вашиот термин најмалку 2-3 недели однапред

Телефонски број: 078272687 

или во порака на социјалните мрежи

Закажете термин преку контакт формата

    No products in the cart.