🎉 Отворена програмата за Светската недела на доењето 2025

Со огромна радост и возбуда го означивме почетокот на Светската недела на доењето 2025 – настан посветен на едукација, поддршка и славење на доењето како природен, но и општествено значаен чин.

Во рамки на првиот ден, официјално беше отворена и фотографската изложба „Во меѓувреме дојам“ – визуелна приказна за мајките и нивната храброст, нежност, истрајност.

Кога почнав да фотографирам професионално, имав две големи желби и цели: да имам изложба и да фотографирам пораѓај. Денес, едната желба стана стварност.

Отворена е изложбата ‘Во меѓувреме дојам’ и првиот ден од настанот по повод Светската недела на доењето е зад нас – исполнет со емоции, споделување, знаење и поддршка за мајките

Кога и Каде?

 

📍 Локација: Центар Јадро

🗓️ Датум: 05–07 август
🕊️ Влезот е слободен

Како започна се?

Искрено, мислев дека ќе биде тешко да најдеме мајки кои ќе сакаат да бидат фотографирани додека дојат – толку личен и интимен момент. Но, се изненадив. Имавме над 30 пријавени мајки, спремни да ја споделат својата приказна. И тоа ми даде до знаење дека оваа тема е навистина потребна и интересна.

Сакав да ги прикажам мајките не само како убави фигури пред објективот, туку како реални жени во реални моменти – со љубов, исцрпеност, сила, тишина и врева. Сакав фотографиите да имаат приказна – не само естетика.

Првиот ден од програмата беше полн со енергија и вистинска поддршка:

Настанот го започнавме со топло обраќање од организаторите, кои зборуваа за важноста на доењето, за поддршката што е потребна, и за заедништвото кое низ години наназад го градиме сите заедно.

Потоа следеше претставувањето на мојата изложба, „Во меѓувреме дојам“, по што бев поканета да се претставам пред присутните и да одговорам на неколку прашања за самата изложба, за мојата мотивација и за целта што стои зад овие фотографии.

🎥 (Видеото од ова кратко интервју ќе го споделам подолу.)

Прв излагач беше Зорица Ковач, маг. мед. тех., IBCLC – жена со огромно искуство и посветеност во поддршката на доењето и зборуваше на тема „Терапевтска масажа на дојките“ – сесија исполнета со практични совети, стручни насоки и информации кои се од огромна важност за сите мајки, особено во првите денови и недели од воспоставување на лактацијата.

Слушајќи ја, сите присутни можеа да научат како правилната масажа не само што олеснува болка и застој, туку може и да помогне во одржување на продукцијата на млеко и превенција на компликации.

тората сесија беше одржана од
Јасна Апостолски-Николов, дипл. мед. сест., IBCLC, која говореше на исклучително важна тема:
„Последици од неадекватна масажа на дојка во развој на лактација“.

Во ова излагање, таа не само што ги објасни можните ризици и компликации од погрешен пристап при масажа, туку и сподели практичен пример од својата работа – случај на мајка која се соочила со сериозни проблеми поради нестручно изведена масажа.

Преку нејзината експертиза, присутните добија јасна слика за тоа колку е важно информирањето, внимателниот пристап и консултацијата со обучени професионалци кога станува збор за доењето и нега на дојките.

Секоја од овие сесии отвори простор за прашања, споделувања и вистински разговор.

„Во меѓувреме дојам“ – зошто овој наслов?

Затоа што доењето често се случува „во меѓувреме“ – додека животот тече. Во автобус, на клупа, додека братчето вика, додека телото се мачи, додека мислите лутаат. Сакав да ја фатам токму таа нијанса – она што е во позадина, а всушност е суштинско.

Секоја фотографија е тивок сведок на еден голем чин – љубов, грижа, преживување, присутност.

Горда сум, благодарна сум и бескрајно почестена што оваа изложба доби свое место во рамки на настан со толку значење.
Ова е само почеток.

📍 Локација: Центар Јадро

🗓️ Датум: 05–07 август
🕊️ Влезот е слободен

📅 Настанот продолжува и следните денови – следете ја програмата, дојдете, прашајте, бидете дел.

Доколку не сте во можност, фотографиите од изложбата можете да ги погледнете тука

📷 Во продолжение споделувам дел од фотографиите од првиот ден на настанот

Благодарам на сите што бевте таму.
Се гледаме и следните денови – просторот останува отворен за вас. 💛

Со љубов и желба за убави спомени,
Драгана Тасевска
авторка на изложбата „Во меѓувреме дојам“

Авторски права и услови за користење:

Сите фотографии се авторско дело на Драгана Тасевска – Love Click Photography и се објавени со согласност од мајките прикажани на нив.

Забрането е преземање, дистрибуција или објава на сликите без претходна писмена дозвола од авторот.

Во случај на одобрено користење или споделување, задолжително е јасно да се наведе името на авторот: Драгана Тасевска – Love Click Photography.

За дозвола за користење на која било фотографија, контактирајте ме преку контакт формата на веб-страницата.

За користење на која било фотографија, контактирајте ме преку контакт форма

    No products in the cart.